СТРУГА ТЛ (трансфери, играчки кадар, очекувања): Стружани имаат што да кажат!

237
фото: F.C. Struga (Facebook)

Иако лани важеше за убедливо најголемиот фаворит за титулата, трета по ред, Струга ТЛ потфрли. Не само што не успеа да го задржи тронот туку не успеа да избори пласман во Европа. Токму затоа раководството на некогашниот двократен првак направи “рез“. Го доведе еден од најдобрите тренери во Албанија, Бледи Шкемби, се раздели со неколку играчи, доведе адекватни засилувања и секако дека желбите и амбициите се повторно Струга ТЛ да биде при врвот на табелата, да бие битка со Вардар и Шкендија за титулата во овој 34. шампионат на Македонија.

Одличните игри и резултати на подготовките се доказ дека Шкемби и тоа како си ја знае својата работа. Сепак, познато е дека во фудбалот пријателските и официјалните мечеви се нешто различно. Струга ТЛ има и широк ростер, речиси на секое место во тимот по двајца играчи.

Интересно е тоа што Струга ТЛ во преодниот рок купуваше и во Грција и во Италија. Тоа ретко кој го правеше досега во мак – фудбалот. Сепак и натаму клучни играчи ќе бидат голманот Ќосевски, репрезентативецот Илиевски, Бојку, Шабани, Компаоре, Воша, Радески. Има тука и неколку екстра талентирани младинци кои жестоко се борат за првотимскиот статус. Исто така интересно е што Струга ТЛ го врати во Македонија и Гледи Мици, некогашниот играч на Шкендија.

Реално Струга ТЛ со Шкемби на клупата би можела оваа сезона да ја направи далеку поразлична од минатата и да потсети на славните шампионски денови од сезоните 2022/23 и 2023/24. На Струга ТЛ ќе и биде полесно зошто нема да биде под притисок како Вардар и Шкендија и дека ако не дојде до тронот тоа за нејзе нема да биде катастрофа.

Оваа Струга ТЛ има што да каже и секако дека оваа Струга ТЛ и тоа како ќе биде опасна за сите, па и за најголемите фаворити.

ПретходноУЕФА со казни за Јамал, Левандовски и Флик
СледноОткриен е планот за Јунајтед за најновото засилување