Манчестер Јунајтед е подготвен официјално да го претстави Бенjамин Шешко на „Олд Трафорд“ овој викенд пред тест натпреварот против Фиорентина. Словенечкиот напаѓач е во втората фаза од медицинските прегледи, а во клубот доаѓа од РБ Лајпциг во трансфер вреден до 87 милиони евра.
Како што објави Фабрицио Романо, Шешко наскоро ќе ги заврши сите медицински прегледи и ќе биде претставен на навивачите пред пријателскиот натпревар во сабота. Јунајтед се договори со Лајпциг за фиксна компензација од 77,8 милиони евра, а со бонуси, износот би можел да се искачи на 87 милиони. Њукасл исто така се обиде да го доведе Шешко, но не успеа да го убеди играчот.
За тренерот Рубен Аморим, ова е четврто засилување во преодниот рок, откако претходно пристигнаа Матеус Куња, Брајан Мбеумо и Диего Леон. Шешко, кој има 22 години, постигна повеќе голови во последните две сезони од кој било играч под 23 години во првите пет европски лиги. Во Јунајтед го гледаат како долгорочен број девет.