Работнички имаше одлична сезона лани, заврши на третата позиција и по повеќегодишна апстиненција обезбеди излез во Европа. Но, авантурата траеше кусо, по што фокусот повторно е кон настапот во домашниот шампионат.
Новата сезона клубот од Дебар Маало ја стартува денеска (17:30 Ч) со гостување во Кавадарци и дуел со Тиквеш.
Со нов шеф на стручниот штаб, Бојан Маркоски, кој како поранешен прв асистент ја наследи работата на селекторот на младата селекција до 21 година, Горан Станиќ, и со неколку промени во составот, тимот на Работнички има иста желба, да се обиде повторно да изборат пласман во Европа. Тоа дефинитивно нема да биде лесно да се изведе, а првиот првенствен тест за можностите е токму мечот против Тиквеш.
„По настапите во Конференциската лига и елиминацијата, нашите мисли во изминатите дваесетина дена се насочени кон стартот на првенството. Мислам дека сме добро подготвени, но тоа ќе мора да го покажеме и на теренот. Гостувањето во Кавадарци секако е сериозен испит, Тиквеш е квалитетен тим, ова лето и дополнително се засили, а и посебно добро игра пред своите гледачи. Знаеме дека нѐ очекува еден тежок натпревар, но подготвени сме да го дадеме најдоброто од нас и ќе се обидеме да освоииме бодови“ истакна капитенот на Работнички, Бесир Демири.
Традицијата од последните пет соочувања е на страната на Работнички. „Романтичарите“ имаат четири последовни победи на последните пет меѓусебни меча со Тиквеш, а последниот триумф на кавадаречкиот тим датира од 25 февруари 2024 година.