По вчерашната победа над Грузија од 3:0 и потврдениот пласман на Европското првенство, одбојкарите на Грција најавуваат дека на мечот со Македонија ќе одат на победа за да го потврдат првото место во групата. Грција во градот Рустави вчера без проблеми ја совлада Грузија која сигурно завршува како третопласирана во нашата група, но сега и за нив е предизвик дуелот со Македонија кој ќе решава за првото место.
За Грците на мечот в среда во Атина доволни се и два сета за да бидат првопласирани, додека за нашата репрезентација во прв ред на овој меч ќе се бара победа, а како план Б се евентуално два сета кои би го потврдиле нашето место меѓу петте најдобро второпласирани селекции од седумте групи.
На вчерашниот дуел со Грузија, најдобар поентер кај Грција беше Мухлиас за кој селекторот Миленкоски и нашите одбојкари ќе мора да се потрудат да најдат противигра на дуелот во среда.