Тренерот на Бутел Скопје, Горан Кузманоски, ги сподели очекувањата од претстојната сезона во Супер лигата, но и во ЕХФ Европскиот Куп каде за противник го имаат Дуделанж од Луксембург во рамките на првото коло.
„Амбициите остануват исти како и минатата сезона, плус да минеме едно скалило во ЕХФ Европскиот Куп, без разлика што оваа сезона ја подмладивме уште повеќе екипата и имаме некои освежувања. Ќе се стремиме тие млади играчи, брзо да се вклопат во сениорскиот ракомет и во првиот тим. Играчите што веќе година, две, тропаат на вратата ќе им се укаже сега шанса и заедно со некои искусни играчи што ги имаме во првата седморка, со нивна помош, ќе изгледаме многу подобро“, вели Кузманоски.
Предводникот на Бутел Скопје вели дека главен акцент ќе биде ставен на одбраната, која заедно транзицијата ќе бидат клучни во новата сезона.
„Секој почеток е мотивирачки, се надевам и оваа година ќе биде така. Во Бутел Скопје секогаш се бара екипата да има енергија, оваа сезона ќе мора да бидеме поенергични и поконкретни во одбрана, тоа ќе биде клучно заедно со транзицијата и брзиот напад, ќе гледаме да се усовршиме во тој дел“
Кузманоски и неговите момци ќе имаат доволно тест мечеви пред стартот на сезоната, и истите ќе мора да ги искористат максимално за да ги вклопат новите ракометари.
„Ќе играме еден пријателски натпревар со Вардар, потоа ќе бидеме дел од турнирите во Струга и Прилеп, ќе имаме доволно време да ги вклопиме новите ракометари во тимот, затоа што од септември ќе немаме време за ништо. Почнуваме со два меча во ЕХФ Европскиот Куп, потоа ќе се игра среда-сабота и ќе биде напорно темпо“, заврши Кузманоски.