Пред околу 5.000 гледачи попладнево во Кавадарци, во еден убав фудбалски амбиент, но и по пеколно топло време,Тиквеш и Работнички одиграа 0:0. Ова е прв меч во новата сезона кој заврши без голови.
Имаа шанси и едните и другите, ама голманите Стевковски и Василев беа одлични.
И дефинитивно повеќе се очекуваше од Тиквеш, тим кој во пресрет на овој меч важеше за фаворит. Кавадарчани се трудеа, знаеја дека ќе биде тешко и така и беше. Работнички пријатно изненади со одговорноста и пожртвуваноста. Гостите знаеја што сакаат. На крајот тие дојдоа до бод, но ако Бошњаков во самиот финиш го реализираше зицерот, ќе ги освоеја сите три.
Првата закана ја имаа домаќините и тоа преку Стојкоски во 3.минута, кој се најде на околу десет метри од Василев, но шутираше во голманот на Работнички.
Следуваше период на притисок на Тиквеш, но без некоја посебна шанса, и тогаш среќа за кавадарчани. Делеј шутираше, но домашниот голман Стевковски одбрани.
Три минути подоцна Вареловски со полуволеј силно шутираше, но и сега Василев беше на своето место.
Во последните неколку минути Дашмир Елези во два наврати опасно се закани. Прво во 41.минута имаше зицер, ама Стевковски чудесно одбрани, а во 43.минута напаѓачот на Работнички атрактивно, со ножички, за малку ќе постигнеше прекрасен гол.
Во второто полувреме, Тиквеш продолжи со притисокот, ама Работнички умешно се бранеше и се обидуваше да биде опасен кога ќе тргнеше во напад.
Но, и на едната и на другата страна немаше шанси или опасни закани.
Така беше се до 81.минута, но Ивановски не успеа најдобро да се снајде пред гостинскиот гол. Секако дека мораше подобро да реагира и да го искористи еден од ретките киксови на одбраната на Работнички.
А во 86.минута Бошњаков излезе сам пред домашниот голман, и кога сите ја видоа топката во мрежата на кавадарчани, Стевковски со супер одбрана го спаси голот на Тиквеш.