Нашиот национален тим е веќе во овој романски град, каде во среда навечер ќе игра против репрезентацијата на Романија.
Нашите најдобри кошаркари ги оставија зад себе случувањата на синоќешниот натпревар против Унгарија, одигран во Солнок, во кој бевме убедливо поразени од домашната селекција.
А по нешто повеќе од два часа возење, сениорската репрезентација на Македонија дојде во Орадеа, каде за неколку дена, поточно во среда навечер, ќе го одигра третиот меч од претквалификациите за Светскиот Куп 2027 година во Катар.
Стручниот штаб на нашата селекција, предводен од селекторот Марјан Илиевски се одлучи за мали промени во распоредот на активностите за време на престојот во овој романски град.
Со оглед на присутниот замор во екипата, извесно, ќе биде намален бројот на планираните тренинзи. Па така наместо двата утрешни тренинзи, ќе биде одработен еден „централен“, а според истиот план ќе се тренира и наредниот ден.
Планиран е и еден (утрински) тренинг, на денот на одигрување на натпреварот во Арената „Орадеа“, кој се игра на 13. август, со почеток од 18.часот.