Во пресрет на утрешниот реванш меч од 3. коло во Лигата на шампионите против Шкендија, тренерот на Карабах, Гурбан Гурбанов на прес-конференцијата зборуваше за она што го очекува од утрешниот дуел.
„Ова е многу важен натпревар, бидејќи и противникот е многу амбициозен. Реков и претходно за претходните натпревари дека се амбициозни, борбени. Затоа, утре, можеби, ќе мора да потрошиме многу енергија. Едноставно се подготвивме добро. Мора да се обидеме да играме многу дисциплинирано. Разговаравме со играчите. Ќе биде добар, интересен натпревар. И двата тима, врз основа на резултатите од првиот натпревар, заслужуваат да победат. Имаме мала предност, но треба да одиграме многу сериозни 90 минути“, изјавил Гурбанов.
За квалитетите на Шкендија тој додал:
„Моето мислење остана исто – и пред и по натпреварот. И претходно реков дека ова е тим што го победи ФЦСБ во два натпревари. Сите мислеа дека ФЦСБ ќе победи, но Шкендија победи. Тие го направија тоа благодарение на нивната борбеност и карактер. Го видовме тоа на теренот. Мојот впечаток остана ист. Утре мора да бидеме многу подвижни. Мора да бидеме силни“, вели тренерот на Карабах.
На првиот меч во Скопје, азербејџанскиот шампион славеше со 1:0.