Сити тргна по ѕвездата на Реал Мадрид

143

Манчестер Сити размислува да го доведе Родриго од Реал Мадрид, јавува Фабрицио Романо. Пеп Гвардиола е голем обожавател на бразилскиот напаѓач, а сега за него се создава и простор во тимот. Џек Грилиш заминува во Евертон, а и Савињо е слободен да си замине. Родриго цел овој преоден рок се поврзува со заминување од Реал, а Мадриѓаните ќе го пуштат за обештетување од околу 100 милиони евра.

Денеска италијанскиот инсајдер објави вест во која наведува дека Грилиш ќе го напушти Сити и ќе оди на позајмица во Евертон, со можност за откуп на договорот за околу 55 милиони евра. Исто така, Тотенхем е во преговори со Сити околу трансферот на бразилецот Савињо, за кого ќе бараат повеќе од 50 милиони евра.

Со тие трансфери ќе се ослободи место за Родриго, кој би требало да ја зголеми конкуренцијата на крилните позиции. Романо претходно на својот YouTube канал откри дека заминувањето на 24-годишниот Бразилец повеќе не е незамисливо. Иако Родриго го сака клубот и се чувствува врзан за Мадрид, управата нема да му ги затвори вратите доколку реши да побара нова средина. Интерес веќе покажале англиските великани како Арсенал и Ливерпул.

Гужва во нападот и тешка одлука
Речиси беше незамисливо Реал да продаде играч кој е на прагот на своите најдобри години, но ситуацијата драстично се промени. Со доаѓањето на Килијан Мбапе, Родриго падна во втор план, зад недопирливите ѕвезди како францускиот напаѓач и Винисиус Жуниор.

Неговата улога стана споредна, што се виде и за време на Светското клупско првенство, а изгледа дека ситуацијата не се подобри ни под водство на новиот тренер Чаби Алонсо. Од друга страна, високите финансиски барања на Родриго би можеле да бидат сериозна пречка за заинтересираните клубови.

Бразилскиот напаѓач во Реал пристигна пред шест години од Сантос за 45 милиони евра, а досега за клубот одигра 270 натпревари, постигна 68 гола и 51 пат асистираше. Според „Трансфермаркт“, вреди 90 милиони евра.

ПретходноСтојановски: Кавадарци е град кој го сака спортот, се надевам дека ќе се радуваме на многу успеси!
СледноПСЖ го понижи Донарума како никој досега!