Марио Балотели, поранешниот репрезентативец на Италија, го напушти италијанскиот прволигаш Џенова откако му истече едногодишниот договор. Контроверзниот напаѓач во целата измината сезона одигра само шест натпревари. Денес е слободен играч и во потрага по нов клуб.
„Сон ми беше да играм за Реал Мадрид. Денес барам само клуб кој ќе ми верува. Сакам да играм уште две или три години, а потоа ќе одам кај мојот брат Енок. Тој сега игра за Вадо. Тоа е аматерски тим. Му ветив дека ќе ја завршам кариерата играјќи заедно со него“, изјави тој во интервју за „Газета“.
„По сè низ што поминав, мислам дека можев да се трудам повеќе. Жал ми е што не играв повеќе за репрезентацијата. Некои луѓе дури и не ме сакаа таму, но тоа сега е минато. Сега селектор е Џенаро Гатузо. Му посакувам сè најдобро. Тој е човек кој сигурно ќе даде сè од себе“, рече Балотели ден пред неговиот 35-ти роденден.
Балотели сега ќе тргне во потрага по својот 12-ти клуб во професионалната кариера. Досега има настапувано за Интер, Манчестер Сити, Милан, Ливерпул, Ница, Марсеј, Бреша, Монца, Адана Демирспор, Сион и Џенова. Беше исклучителен талент, но поради недостиг на дисциплина и несериозност не оствари уште поголема кариера.