Валмир Какруки е еден од четворицата наши играчи во внатрешна линија која ќе има доста работа и на утрешниот натпревар против Романија на гостински терен. Македонија имаше свои шанси во Куманово против оваа селекција, но не ги искористи.
„Бевме мнпгу блиску до победата на отворањето на овие претквалификации. Бевме егал со романскиот тим, се до две-три минути пред крајот. Во тие моменти и беше решен победникот. Добро се сеќаваме на тој меч, но одиме понатаму, пред нас е уште еден, против ривал кој го знаеме доста подобро отколку на тој дуел во Куманово“ – вели силното крило во нашата национална селекција.
Во меѓувреме, Романците беа подобри од Унгарија, ние загубивме од унгарскиот тим на гостувањето во Солнок.
„Неискуството си го прави своето. На нас е да “растеме“ од натпревар во натпревар. Да бидеме подобри и подобри, и не се сомневам дека резултатите ќе дојдат. Веројанто Македонија досега немала помлад ростер во сениорската селекција. И тоа мора да се земе в предвид кога се даваат некои оценки за квалитетите на репрезентацијата.
Нема предавање, тоа можам да го порачам. Сите кои сме тука, сме како еден. Можам да ветам борба, за секоја топка, за секој поен. Тоа е онаа основното, а што ќе биде на крајот, ќе видиме. Битно е ние да го дадеме својот максимум од можностите, а каков ќе биде резултатот, се надевам позитивен за нас“ – дополнува Какруки.