Долгото и топло репрезентативно лето за женскиот А национален тим финишираше викендов во Виена, со последниот натпревар против Австрија во рамките од евро-квалификациите.
Дамите за првпат по подолго време имаа две акции во летниот период – настапот во Европската Сребрена лига и вториот круг од квалификациите за континенталниот собир следната година.
Учеството во Сребрената лига ќе добие епитет историско затоа што Македонија по пауза од 17 години забележа победа на европско тло, а комплетниот настап го заврши со два триумфи во шест меча и еден пораз од 3:2 во кој му одзема бод на противникот. Првата акција беше успешна и најави дека екипата има позитивна градација, но во евро-квалификациите шансите беа минимални поради квалитетот на ривалите, а тоа беше и резултатски потврдено.
„Оставаме зад нас уште една репрезентативна сезона. Евро-квалификациите минаа според очекуваното (резултатски гледано) иако сите се надевавме и верувавме дека со Австрија можевме да освоиме сет. Бевме близу, игравме тесно во првите два сета, но за жал не ја искористивме шансата во финишот на вториот сет кога имавме предност од 23:22. Радува фактот што се покажавме во подобро светло од претходните дуели со истиот противник.
Видовме до каде сме, гледаме дека може и мора многу повеќе, доколку се работи сериозно во текот на целата натпреварувачка сезона. Мојот став е дека дефинитивно ни се потребни пријателски натпревари каде ќе собираме искуство играјки со квалитетни екипи, ќе го градиме победничкиот дух и ќе растеме како тим. Тоа е составен дел од подготовките кај сите репрезентации кои се подготвуваат за некои посериозни достигнувања и резултати. Со оглед на тоа дека нашите собири траат кусо и се еднаш до двапати во текот на годината, ваквите контролни средби се повеќе од потребни. Сумирано, секое репрезентативно искуство е позитивно, иако оваа генерација е таа што мора да го оди потешкиот пат и да се носи со поразите и со желбата за ‘подобро утре’.
Искрено се надевам дека овој континуитет ќе се задржи и ќе претставува мотив за помладите играчи да напредуваат и да ни се придружат во некој од наредните собири“, анализира капитенот и една од најискусните одбојкарки во составот Емилија Попјордановска.
Девојките во понеделникот финишираа со репрезентативните обврски и сега се насочуваат кон клупските ангажмани во пресрет на новата сезона.