Машката сениорска репрезентација на Македонија го продолжува својот пат во претквалификациите за Светскиот Куп 2027 година во Катар. Вечерва, нашиот најдобар состав ќе го одигра третиот меч од групната фаза од претквалификациите. За нашата селекција, втор на гостински терен, и втор против репрезентацијата на Романија.
Со многу повеќе информации за противникот, но и измени во играчкиот ростер го дочекува третиот меч од претквалификациите нашиот национален тим.
Уште еден хендикеп за стручниот штаб ќе биде и дефинитивно неиграњето на Адем Мекиќ. Еден од нашите најискусни кошаркари заедно со Џејкоб Вајли и Андреј Магдевски, се пожали на болки во коленото. Се обиде да го одработи последниот тренинг пред дуелот во „Орадеа“ Арената, но не успеа во тоа, па селекторот Марјан Илиевски беше принуден да направи замена во тимот.
На местото на Мекиќ, во финалниот ростер на вечерашниот натпревар ќе биде Марко Миловановиќ. Илиевски направи уште една промена, и тоа на бековската позиција, каде сега ќе биде Никола Василевски, за кого ова е и прв „влез“ во сениорскиот состав на еден официјален натпревар на ФИБА.
А токму од бековите ќе чекаме многу поголем придонес и на овој, но и на оној нареден меч, против селекцијата на Унгарија, во Скопје.
Еден од нив е Максим Митевски, кој верува дека можеме многу подобро од она што тимот го прикажа на средбата со Унгарија, пред некоја вечер во Солнок:
„Секако дека тој минус всушност и не е некоја реална слика на вистинските случувања на теренот. Но тоа го оставивме зад нас, следуваат нови предизвици за нашиот млад тим. Играме во Орадеа, против Романија, селекција која сега ја познаваме многу подобро од почетокот на преткваалификациите. Имавме прилика да погледнеме и некои видео-материјали од нивната средба со Унгарија. Оние две победи кои ги направија досега, ги ставаат во улога на фаворит. Но, наше е да излеземе на теренот, да дадеме се од себе. Да се обидеме да бидеме над оние наши реални можности, и да ја искористиме секоја шанса која ќе ни биде дадена. Убеден сум дека ќе одиграме подобро отколку на онаа средба во Солнок, мислам дека ќе биде така во Орадеа“ – смета наппито репрезентативеен бек пред натпреварот кој се игра во Арената „Орадеа“ во Орадеа, а почнува од 18. часот.