И на вечерашниот меч во Орадеа, Џејкоб Вајли беше нашиот најдобар кошаркар. Оствари дабл-дабл, но сепак ни тоа не беше доволно за да се победи селекцијата на Романија.
Инаку ова беше третиот пораз на Македонија во третиот меч во претквалификациите за пласман на СП 2027.
По мечот во Орадеа, Вајли имаше свое видување:
„Сите во репрезентацијата работеа напорно на подготовките и јас сум благодарен за времето што го поминав овде. Имаме млади кошаркари, екипа која е во создавање и горд сум на нашето издание против репрезентација како Романија која има искусни играчи и одличен селектор. Не се откажавме во ниеден момент, верувавме во победа и сите заслужуваат честитки за тоа. Натпреварот заврши како што требаше, Романија заслужи да победи бидејќи ние направивме многу грешки. Не е оправдание, но како што кажав, нашите кошаркари се млади, уште учат и собираат искуство. Во споредба со претходниот натпревар, бевме многу подобри, тогаш загубивме со 40 разлика, а сега до крајот бевме во игра за победа, се доближивме на еден посед и можевме да дојдеме до победата. За мене тоа е голем чекор напред“ истакна Вајли.