Од Атина со празни раце: Патот на Европско сега веќе не зависи само од нас

145
фото: CEV.eu

Само еден квалитетно одигран сет (и тој не успеавме да го освоиме) не е доволен за пат на Европско. Македонската одбојкарска репрезентација се враќа од Атина со убедлив пораз од Грција од 3:0 со што остана на „стаклени нозе“ нашиот можен пласман на четвртиот континентален собир. Посакуваниот сет од ова гостување, остана само желба, па сега ќе мораме против Грузија да славиме без загубен сет и да се надеваме дека нашите конкуренти меѓу второпласираните репрезентации од останатите групи, ќе загубат барем по сет, за да не мора да чекаме како ќе изгледа поен-количникот кој ќе решава за последното слободно место на Евроволеј 2026.

ГРЦИЈА – МАКЕДОНИЈА   3:0 (25-18, 25-15, 27-25)

Првиот сет го почнавме добро и концентрирано. По стартните 2:0 за Грција, на сервис на Никола Ѓорѓиев успеавме да направиме долга серија од 0:5, да дојдеме до предност која умешно ја одржувавме до средината на сетот. Потоа следуваше една фантастична серија на Мухлиас на сервис за грчката репрезентација, ние немавме добар прием, а и она што успеавме да го одбраниме, на крајот не успеавме да го претвориме во добар напад. Реализацијата од само 30% во нападот јасно покажува и зошто Грците лесно го добија првиот сет со 25:18.

Почетокот на вториот сет донесе егал борба до 5:5, по што Грците имаа одлична серија од три поени и предизвикаа прва реакција од нашата клупа. По тајм-аутот работите наместо на подобро, тргнаа надолу. Грците ја продолжија серијата со одличен сервис и дојдоа до 12:7 по што Миленкоски мораше и вторпат да побара минута одмор. Но и тоа не помогна. Во остатокот од сетот видовме „one-man“ шоу на Харалампос Андреопулос, кој го решеташе нашето поле од сите можни позиции, додека нашите одбојкари само статираа. Грците убедливо го добија сетот со 25:15.

Во третиот сет конечно одигравме на ниво. На почетокот го видовме вистинското лице на нашата репрезентација имаве добар прием, силен сервис и одличен блок. Сето тоа резултираше се одлична предност од пет поени разлика (7:12). Кога се чинеше дека се ни оди од рака, ги вративме Грците во игра, кои успеаја да дојдат и до прво израмнување 14:14. Потоа  сетот продолжи во егал, но во моментите кога требаше да го дадеме максимумот, направивме непотребни грешки, го однесовме мечот на разлика, а таму не искористивме две сет-топки. Грција по првата сет-меч топка која ја доби успеа да го реши сетот со 27:25 и со тоа да дојде до уште една убедлива победа.

Андреопулос, Мухлиас и Раптис денеска беа незадржливи за нашата одбрана. Оваа тројка сама освои 47 поени. Во нашите редови само Никола Ѓорѓиев беше двоцифрен со 13 освоени поени.

В недела во Скопје ја пречекуваме Грузија против која мораме да славиме со максимални 3:0 и да се надеваме дека ќе ни се „склопат коцките“ од преостанатите дуели во групите за да го освоиме последното петто место на табелата меѓу второпласираните репрезентации кои е одат на Евроволеј.

ПретходноЏејкоб Вајли: Во споредба со минатиот меч сега бевме многу подобри!
СледноМарјан Илиевски: Напредуваме од натпревар во натпревар!