По поразот од Грција во Атина со 3:0 во претпоследното коло од квалификациите за Европското првенство 2026, машкиот национален тим има само една опција за да обезбеди учество на четвртото во низа континентално натпреварување. Максимална победа над Грузија в недела во Скопје со што поголема поен-количник разлика.
Откако пропуштија избраниците на селекторот Јошко Миленкоски да освојат сет во дуелот со фаворитот, сега ќе треба билетот за ЕП да го заверат по потешкиот пат, односно со убедлив триумф над Грузијците во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
Македонија е во „трка“ за место меѓу петте најдобровторопласирани селекции, кои исто така обезбедуваат настап на ЕвроВолеј 2026, заедно со седумте првопласирани екипи од групите од квалификациите. По комплетирањето на претпоследното коло Македонија е во битка со Австрија и Норвешка за евро-билет, со подобар поен-количник од конкурентите.
Поради тоа потребно е во последниот дуел со Грузија, Македонија да загуби што помалку поени во сетовите и да запише сигурна победа од 3:0, а потоа да го чека и конечниот исход од натпреварите во другите групи.
Едно е сигурно, на македонските одбојкари ќе им биде потребна безрезервна поддршка од трибините во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, в недела, 20 часот, каде влезот ќе биде бесплатен.