Извршниот директор на ПЛ Ричард Мастерс, изјави дека нема планови за играње натпревари надвор од Англија. Во претходните месеци, фудбалските федерации на Италија и Шпанија објавија планови за организирање натпревари од домашните елитни лиги во Австралија и САД и бараат дозвола од Европската фудбалска унија (УЕФА) и Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА).
„Не мислам дека тоа воопшто го менува ставот на Премиер лигата, немаме планови да играме натпревари во странство“, рече Мастерс.
Шпанската лига планира да организира натпревар на 20 декември помеѓу Виљареал и Барселона во Мајами, иако Реал Мадрид е жестоко против, а тоа би бил првиот натпревар од европската лига што се игра во странство.
Од Италија, Милан и Комо треба да играат натпревар во Перт во февруари.
Идејата да се игра дополнително коло во Премиер лигата – 39-то надвор од Англија – се појави во 2008 година, но планот беше напуштен по критиките од навивачите и медиумите.
И покрај тоа што поранешниот извршен директор на Премиер лигата, Ричард Скудамор, пред 10 години изјави дека клубовите се заинтересирани, Мастерс го отфрли таквото сценарио.
„Тоа не е ни блиску до мојата желба и за тоа не се дискутира“рече Мастерс.
Во Премиер лигата има 11 клуба во сопственост на американски компании, што е блиску до двотретинско мнозинство од 14 потребни за промена на правилата на Премиер лигата.
Новата сезона во Премиер лигата започнува во петок, со натпреварот помеѓу шампионите Ливерпул и Борнмут, од 21:00 часот на „Енфилд“.