Миленкоски: Очекуваме полна сала и поддршка !

43

Најдобрите македонски одбојкари од денеска се повторно во базата СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, каде в недела, 20 часот ја пречекуваат Грузија во последниот натпревар од квалификациите за Европското првенство 2026. Мечот со Грузијците ќе одлучи дали Македонија ќе се најде на четвртото континентално натпреварување во низа.

Одбојкарите не успеаја да освојат сет на гостувањето во Грција и со тоа да си ја олеснат задачата во финишот на циклусот, па сега ќе мора по потешкиот пат да стигнат до ЕвроВолеј 2026. Максимална победа над Грузија во Скопје, со што поголема поен количник разлика ни носи евро-билет.

Стратегот на националниот тим Јошко Миленкоски верува дека екипата со поддршка од домашната публика може да ја исполни целта.

„Натпреварот со Грција го оставаме зад нас. Игравме против моќна репрезентација составена од квалитетни играчи. Во поголемиот дел од напреварот тоа го докажаа на теренот иако и ние имавме добри моменти, особено во третиот сет кога стигнавме и до две сет топки, но не ги реализиравме. Со тој сет или без него секако дека мораме да ја победиме Грузија со максимален резултат во Скопје. Освоивме голем број на поени против Грција што ни дава за право да се надеваме на успех во овие квалификации. Погледите се насочени кон натпреварот со Грузија, на кој сме сега комплетно фокусирани. Очекуваме полна сала и поддршка од љубителите на одбојката, со чија помош ќе дојдеме до посакуваниот резултат и ќе обезбедиме уште едно учество на Европско првенство“, дециден е селекторот Миленкоски.

Македонија е во „трка“ за место меѓу петте најдобровторопласирани селекции, кои исто така обезбедуваат настап на ЕвроВолеј 2026, заедно со седумте првопласирани екипи од групите од квалификациите. Во пресрет на последното коло Македонија е во битка со Австрија и Норвешка за евро-билет, со подобар поен-количник од конкурентите.

Поради тоа потребно е во последниот дуел со Грузија, Македонија да загуби што помалку поени во сетовите и да запише сигурна победа од 3:0, а потоа да го чека и конечниот исход од натпреварите во другите групи.

Дуелот меѓу Македонија и Грузија се игра в недела, 20 часот, во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

Влезот во салата е слободен! Поддршката е неопходна!

ПретходноГостивар потпиша двајца Американци
СледноУ-16: Македонија ќе одигра два контролни меча со Црна Гора во Охрид