Искусниот хрватски напаѓач Марко Ливаја моментално се смета за горлив проблем на сплитскиот клуб, иако до пред неколку недели се веруваше дека Хајдук не може да опстане без некогашниот репрезентативец.
Роден во Сплит, Ливаја во 2021 година реши да се врати дома и да потпише за Хајдук, предводејќи го како капитен, најдобар играч и прв стрелец во последните сезони. Во Сплит дојде од АЕК, по низа интернационални авантури, настапувајќи меѓу другото за Интер, Аталанта и Лас Палмас.
Брзо стана заштитен знак на Хајдук, навивачите го обожуваа, а тој на секој натпревар даваше 120 проценти од себе за конечно да донесе трофеј во клуб кој речиси секоја сезона останува „на чекор“.
Минатата сезона Хајдук долго беше во врвот на табелата, но во финишот се распадна. Новата сезона донесе брзо нови разочарувања – клубот рано испадна од Европа, па целиот фокус сега е насочен на првенството.
По елиминацијата од албански Динамо Сити, страстите на „Полјуд“ со денови не стивнуваат, а токму големиот Марко Ливаја е најмногу критикуван и прозван за најголем проблем на Хајдук.
Иконата на Хајдук има само еден гол на 15 настапи во квалификациите за европски натпреварувања – и тоа од пенал лани.
Ливаја, кој има 31 година, можеби сега има уште една шанса за значаен трансфер, што не би било изненадување откако ќе сфати дека го „отпишале“ токму оние за кои се бореше – најватрените навивачи на сплитскиот клуб.
Во анкетата на порталот Index.hr, дури 74 проценти од гласачите (речиси 23.000) сметаат дека Хајдук треба да го продаде Ливаја ова лето и да започне нова ера без својата икона. Со оглед дека има договор до 2027 година и проценета вредност од 5 милиони евра, Сплиќани би можеле да заработат неколку милиони.
Во дресот на Хајдук има одиграно 174 натпревари во сите натпреварувања, постигнувајќи 93 голови и 44 асистенции.