Фудбалерите на Манчестер Сити го прегазија Вулверхемптон во последниот денешен меч од првото коло од Премиер лигата. Гостите славеа со 0:4, а првиот гол го постигнаа во 34-тата минута, кога Халанд на асистенција на Луис погоди за 0:1.
Само три минути подоцна, Рејндерс го совлада голманот на домаќините, а овој пат асистенцијата ја имаше Боб. Халанд постигна втор гол во второто полувреме, а конечните 0:4 беа дело на нововлезениот Рајан Черки.
Навивачите на Вулверхемптон создадоа незаборавен момент пред почетокот на мечот, кога трибините еруптираа во аплауз за нивниот поранешен фудбалер Диого Жота кој загина во сообраќајна несреќа. На јужната трибина се разви огромен, импозантен постер со ликот на Португалецот кој беше пречекан со громогласни овации. На овој емотивен момент присуствуваше и семејството на фудбалерот – неговите родители и неговата сопруга Руте Кардосо, кои беа специјални гости на клубот.