Шампионот со 1:3 на гости кај Македонија ЃП успеа да дојде до својата втора победа сезонава во вториот меч, па така како и Вардар, Силекс и Струга ТЛ, има максимални шест бода по 2.коло во ПМФЛ.
Иако тренерот Јетон Беќири комбинираше со составот, ако се знае дека во четврток тетовци ги чека меч од плеј – офот во ЛЕ против Лудогорец, Шкендија едноставно одигра колку што треба за нови три бода.
Стрелци на головите беа Адеми, Красниќи од пенал,Тамба. Стрлец на голот за домашните беше Глишиќ.
Шкендија уште почетокот ја презеде иницијативата, како да сакаше да каже дека денеска во Ѓорче ја интересира само победа и ништо друго. И во 9.минута Фитон Адеми со убав гол од лево, носи радост за гостите. Максимално прецизно шутираше во спротивниот агол на голманот Ефремов.
Проблемите за “Лавовите“ се зголемија откако во 17.минута останаа со играч помалку. Кабрекас непрописно стартуваше врз Адеми а судијата Грујоски му покажа директен црвен.
Од тој момент во Ѓорче на теренот постоеше само една екипа – Шкендија. Прашање беше само со колкава разлика ќе победи.
Сепак до крајот на првиот дел немаше голови, но затоа во 54.минута Красниќи зголемува на 0:2 и тоа од пенал, откако претходно Јовановиќ стартуваше врз него во казнетиот простор.
Во 68.минута веќе беше 0:3, Ибраими кој тогаш влезе во игра, убаво му асистираше на Тамба а овој без проблеми го совлада Ефремов за нова радост на тетовци.
И дефинитивно се виде дека домашните беа немоќни, колку и да се трудеа, сепак не можеа да искреираат една добра комбинација.
Сепак во судиското продолжение Глишиќ погоди за конечни 1:3.
Ова е втор пораз на Македонија ЃП во својот втор меч во новата сезона во ПМФЛ.