Тимот на Пелистер утре на домашен терен во Битола ќе го пречека тимот на Брера со што ќе биде и официјално комплетирано второто коло во овогодинешниот ПМФЛ шампионат.
Битолчани во првото коло на Арената во Скопје доживеаа пораз од 5:1 против Вардар, а сега што се вели ќе имаат можност за играчка и резултатска рехабилитација.
Тренерот Капинковски е уверен во добра игра на неговите избраници и на поволен резултат на овој меч.
„Првенството е на самиот почеток. Генерално, сите екипи – освен оние што имаа настапи во Европа – сè уште се компонираат и ги играат своите први натпревари. Поради тоа сметам дека барем на стартот шансите за позитивен резултат се 50/50.Ние, како ФК Пелистер, на секој натпревар се подготвуваме максимално, без разлика на противникот, и секогаш ќе се стремиме кон позитивен резултат. Преодниот рок трае до 7 септември и останува можноста да донесеме играч кој би придонел за реализација на зацртаните цели.“ – изјави Капинковски.