Стојанов: Пелистер е цврста екипа, но ние сме подготвени

85

Со денешниот натпревар меѓу Брера Струмица и Пелистер ќе се заокружи 2. коло од новата сезона во Првата македонска фудбалска лига. Стартот на новата сезона од Прва МФЛ не мина славно за АП Брера, која беше „торпедирана“ во Кратово откако остана со играч помалку. Тренерот на струмичкиот тим, Панче Стојанов, открива дека на своите млади фудбалери им порачал дека овој натпревар нема да биде поврзан со претходниот и дека побарал да го заборават.

„Тоа е зад нас, го анализиравме тоа што се случи и ги направивме потребните корекции. Знам дека тимот е добро подготвен, но ќе мора да го даде својот максимум ако сакаме бодовите да останат во Струмица. Пелистер е цврста екипа, имаат одличен тренер кој го почитувам, но и ние сме подготвени. Гледаме напред и ќе одиме на позитивен резултат, но само со комплетно залагање можеме да стигнеме до победа. Имаме млад тим, можеби две третини се играчи до 20 години, но ќе мора да поработат на својата концентрација и да не дозволат да им се случуваат падови. Ростерот ни е ист, промени нужно ќе има поради црвениот картон на Величковски, но најважно е да демонстрираме нов пристап“, вели Стојанов.

Согласен со тренерот е и капитенот Филип Антовски, за кого е јасно дека Пелистер ќе одигра онолку колку што тој и неговите соиграчи ќе му дозволат.

„Моментот со несреќниот црвен картон издоминира во првото коло, наспроти тоа што ова е тим во кој имаме репрезентативци, но се уште е во фаза на создавање. Не ни беше сеедно! Одиме понатаму, следен ривал ни е Пелистер. Знаеме дека играме во Првата лига, тука нема слаби тимови, но веруваме дека ние ќе бидеме подобри од еден до друг натпревари. Тука не мислам на нешто конкретно, туку на сите полиња, и во дефанзива, но и во напад. Противникот ќе одигра колку што ќе му дозволиме. Очекувам дека ќе биде интересен натпревар, ние сме млад тим и тоа има свои слабости, но исто така има и свои предности, па ќе се обидеме да ги искористиме во своја полза“, рече капитенот Антовски.

Натпреварот во Струмица се игра денеска со почеток од 17:00 часот.

ПретходноРК Вардар го промовираше новиот дрес со видео спот (ВИДЕО)
СледноБруно го обвини судијата за поразот од Арсенал: Ни велеа дека тоа е фаул, а сега…