На третото враќање на клупата на машкиот национален тим, Јошко Миленкоски одново ја предводи генерацијата до уште едно големо натпреварување – Европското првенство 2026. По три месеци напорна работа Миленкоски, неговиот стручен штаб и репрезентативците се радуваат на успехот.
„Минавме едно тешко долго лето преку Европската Златна лига до евро-квалификациите и одлучувачкиот меч со Грузија за ЕП. Уште едно големо достигнување за македонската репрезентативна одбојка. Дуелот со Грузија носеше повеќе психолошка тежина и притисок за да се дојде до победа во три сета. Освоениот сет против Грција во првиот дел од квалификациите и големиот број на освоени поени во Атина ни овозможи да одиграме еден лесен натпревар во Скопје, со противник како Грузија, кој не е на нашето ниво. Честитките за овој успех одат на сметка на сите и на стручниот штаб кој претходно ја водеше селекцијата и сега на нас, и одбојкарите како главни актери кои го понесоа товарот. Овозможивме уште една радост на македонската спортска јавност, особено на одбојкарските вљубеници. Македонија заслужено е на ЕвроВолеј 2026. Прво да уживаме и да го прославиме овој успех, да видиме што ќе ни донесе ждрепката во Бари, а потоа и ќе почнеме со подготовките за новото големо натпреварување“, вели селекторот Јошко Миленкоски.
Четвртото ЕП во низа Македонија ќе го пречека со промена на генерација, но стратегот не смета дека тоа ќе биде проблем.
„Репрезентацијата е комбинација на искуство и младост. Имаме (по)возрасни играчи кои играат и натаму на високо ново, затоа што со искуството доаѓа и квалитетот и за нас годините не се важни. Летово и во Златната лига дадовме шанса на младите играчи, која за мене искрено беше поголем предизвик со оглед на квалитетот на ривали со кои се соочивме. Оваа репрезентација е за респект поради сето она што го постигна. Факт е дека нè чека подмладување, но и долг период на подготовки, со многу работа и многу анализи, каде ќе мора сите да го дадеме максимумот. Реков ова Европско првенство е заслужено и се надевам дека повторно ќе имаме добар резултат“, заклучува стратегот на машкиот национален тим.
Македонија на 4 октомври на ждрепката во Бари ќе ги добие ривалите во групната рунда на ЕвроВолеј 2026.