Во пресрет на двомечот со Лудогорец: Ќе биде ли четврта среќа за Шкендија во плеј – офот во Лигата на Европа!

101
ФОТО: KF Skendija/FB

Шкендија ова лето испиша историја. За првпат успеа да оствари пласман во групната или лигашката фаза во едно европско натпреварување.

Засега тоа е третото по ранг, Лига на Конференции. Клупската каса со најмалку 6 милиони евра од УЕФА е полна, тоа се два годишни буџети на нашиот шампион, но тетовци сакаат уште повеќе.

А тоа повеќе е групна фаза во Лигата на Европа, како Вардар во таа 2017 година.

Сепак, за да дојдат до такво нешто ќе мора го елиминираат убедливо најдобриот бугарски клуб во последните 10-15 години, тоа е Лудогорец.

Тимот од Разград ќе биде ривалот на нашиот шампион во плеј – офот во ЛЕ. Првиот меч се игра во Скопје задутре, а реваншот во Разград на 28 август.

И кога сме кај плеј – офот во ЛЕ, да споменеме дека ова за Шкендија е четврто учество во оваа фаза во ова европско натпреварување.

Досегашните три двомеча завршија со елиминација на тетовските “црвено – црни“. Па така сите се прашуваат ќе има ли четврта среќа за Шкендија? Па редно е да се мине и оваа пречка.

Инаку се започна во 2016 година и плеј -офот со Гент. Во Белгија тетовци имаа водство и од 0:1 со голот на Ибраими, ама мечот заврши со 2:1 за Гент.

На реваншот во Скопје пред околу 25.000 гледачи, на Шкендија и требаше само победа од 1:0. Но, наместо тоа, катастрофа, пораз од 0:4.

Во 2017 ривал беше Милан, и тука беше се јасно. Првиот меч на “Сан Сиро“ италијанскиот гигант го доби со 6:0, а на реваншот во Скопје беше 0:1 за Милан.

И во 2018, значи трета година по ред, противник беше Розенборг.

На првиот меч во Норвешка беше 3:1 за Розенборг, а во реваншот во Скопје трагедија.

Шкендија на 0:0 успеа да промаши два пенали, да има уште два зицери и двапати да ја погоди пречката на Норвежаните. Гостите сето тоа го казнија со два гола за победа од 0:2. И наместо да биде 3-4 разлика за Шкендија, на крајот големо разочарување.

Ајде да видиме дали со Лудогорец ова лето ќе биде поинаку, и е поинаку во една работа. А таа е дека за разлика од мечевите со Гент, Милан и Розенборг, сега Шкендија со Лудогорец првиот меч го игра дома.

ПретходноЈован Манев и официјално во Нови Пазар
СледноДи Мариа одбра пет најважни аргентински фудбалери во историјата!