Пишува: Зоран Ѓоршоски
Исто како и во првото коло во новата сезона, така беше и во второто. Атрактивни натпревари, добра посета, посебно во Кавадарци и Гостивар, сите мечеви на ТВ, фудбалско уживање.
И она што ќе се памети, на сите шест натпревари со победи за гостите. Не паметиме некогаш ова да се случило во историјата на ПМФЛ, а ова е 34.сезона.
Секако дека Силекс ја доби службено со 0:3 кај Шкупи, но победа си е победа. Вардар, Шкендија, Струга ТЛ, Башкими и Пелистер беа тие кои славеа како гости.
Најинтересно беше во Кавадарци, таму секогаш е супер интересно кога гостува Вардар. Тиквеш имаше свои шанси при 0:0, но Вардар знаеше што треба и како треба да се дојде до победата.
Шкендија со пола сила ја победи Македонија ЃП. Се чинеше дека на моменти тетовци како да ја враќаа топката назад, толку беа доминантни, како да не сакаа докрај да го понижат ривалот. Струга ТЛ славеше со пресврт кај Арсими, Башкими го победи Работнички на Арената и Пелистер дојде до трите бода во Струмица.
И кога ќе се види табелата, веднаш се забележува дека само Работнички нема постигнато гол. Освои еден бод во Кавадарци во 1.коло, но нема гол. И тоа не е изненадување, ако се знае како мина во Европа со Торпедо Жодино, ако се знае што се ние анализиравме пред стартот на сезоната.
Работнички ова лето, говориме на официјалните мечеви, двата во Европа и двата во ПМФЛ не успеа да постигне барем еден гол, а тоа во минутажа е +360 минути.
На Работнички со овој тим, со овие напаѓачи, а и нема напаѓачи искрено, оние класични гол играчи, ќе му биде тешко да ги тресе противничките мрежи. А кога нема голови ќе нема ни бодови. А кога нема бодови и победи, се знае што следува. Уште еднаш совет до раководството. Или купувајте барем 4-5 квалитетни играчи од кои двајца класични напаѓачи или очекувајте тешка битка за опстанок. Друго нема.
Среќа за Работнички што Шкупи и Брера се далеку послаби од лани, ама оваа сезона испаѓаат три екипи.
Не дека тимот на Маркоски со Башкими одигра толку слабо, но се е бадијала кога во тимот од Градски парк нема играч кој знае да постигне гол.
Од друга страна Вардар, Шкендија, Струга ТЛ, па и Силекс веднаш покажаа зошто пред стартот на сезоната беа потенцирани како фаворити за освојување на титулата.