Претседателот на Одбојкарската федерација на Македонија, Петар Јовановски, од викендов во време на своето „владеење“ може да се пофали и со четвртото Европско првенство во низа на машката сениорска репрезентација на Македонија. Федерацијата повеќе од една деценија вложува максимални напори за македонската репрезентативна одбојка да остави белег на европската мапа, а тоа резултира со континуиран настап на континенталните собири.
Претседателот Јовановски потенцира дека ова е пред сè успех на репрезентацијата и стручниот штаб, а потоа и на Управниот одбор и сите инволвирани во Федерацијата.
„Главната и основна цел да се задржи континуитетот на настапи на Европските првенства е исполнета. Горд сум на овие момци, на оваа генерација која несебично се дава и се бори за одбојката да го достигне ова ниво на кое сме во моментов. Имавме напорно, долго и топло лето, во кое се она што беше поставено како амбиција е исполнета. Настапот во Европската Златна лига Македонија го заврши со најдобар резултат досега и обезбеди опстанок во ‘златното’ друштво и следната година. Од викендов потврдено е и учеството на четвртото ЕП во низа – презадоволен сум. Федерацијата и Управниот одбор направија се за репрезентацијата да има беспрекорни услови за работа, а довербата е оправдана на најдобар можен начин. Ова е успех на одбојкарите, на стручниот штаб и селекторот Јошко Миленкоски, а потоа и на Управниот одбор, канцеларијата на ОФМ и секој кој на било каков начин помогна во комплетниот процес. Секако, не смееме да ја заборавиме публиката! Без нејзината поддршка и инспирацијата која ја дава од трибините овој успех немаше да биде комплетен. Министерството за спорт ги препознава нашите резултати и ни дава дополнителен ‘ветер во грб’. Пресреќен сум и презадоволен. Емоциите се уште силни“, гордо зборува претседателот на ОФМ Петар Јовановски.
Со пласманот на ЕП 2026 работата не завршува, напротив тешкото сега стартува. Репрезентацијата е во процес на промена на генерација, но патот е веќе трасиран, а токму континенталниот собир ќе биде прва сериозна „станица“ за помладите.
„Уште сме под импресии на успехот, но од друга страна свесни сме дека ќе мора многу брзо да се консолидираме и да се фатиме за работа, затоа што тешкото допрва доаѓа. Имаме промена на генерација во репрезентацијата, а патот за младите е веќе трасиран. Европското првенство ќе биде првиот сериозен тест за нив, на кое ќе треба да се покажат и да го продолжат она што оваа генерација го создаде. Имаме потенцијал и верувам во светла иднина, која е во рацете на младите. Ние како Федерација ќе направиме сè за да добијат најдобри можни услови за подготовка за ЕП, а потоа сè е на нив. Имаме малку време за оддишка, ќе ги почекаме противниците во октомври, а потоа со сите сили кон ЕвроВолеј“, заклучува првиот човек на ОФМ.
Македонија од 9 до 27 септември следната година ќе настапи на ЕвроВолеј кое ќе се одржи во Италија, Бугарија, Финска и Романија. Ждрепката за групите е закажана за 4 октомври годинава во Бари.