Македонската кошаркарска репрезентација вечерва ќе го одигра последниот натпревар од претквалификациите за Светското првенство во кошарка 2027, кое ќе се одржи во Катар. Во СРЦ „Кале“ во Скопје, со почеток во 19:00 часот, нашите кошаркари ќе се соочат со селекцијата на Унгарија во меч кој, иако нема резултатско значење за пласман, носи можност за достоен завршеток на августовскиот циклус.
Македонија, предводена од селекторот Марјан Илиевски, влегува во овој дуел по три порази во претквалификациите, вклучувајќи го и последниот од Романија во Орадеа (79-66). И покрај елиминацијата од понатамошно натпреварување, тимот е решен да се бори за првата победа.
„Мечот со Унгарија не ни значи резултатски ниту на нас, ниту на нив, но ние од самиот почеток кажавме дека секој дуел кој ќе го имаме, па дури и оној на тренинг меѓу двете петорки, ќе биде од големо значење за сите, па така на секој меч гледаме го извадиме нашиот максимум. Па дај Боже и да победиме. На хартија сме далеку понеквалитетна екипа од Унгарија, во однос на искуство и на заеднички години, но ќе се бориме. Унгарија е искусна екипа и игра најдобра кошарка. Ќе стојам зад овие играчи, се додека го даваат максимумот и го почитуваат стручниот штаб, ќе ја имаат мојата поддршка“, изјави пред мечот селекторот Илиевски.
Денешниот меч е шанса за македонските кошаркари да го затворат циклусот со позитивна нота и да постават темел за идните предизвици.