Шампионот Е. Пелистер славеше над Вардар со 28:23 во големото македонско дерби на третиот ден од меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ во Охрид. Салата „Билјанини Извори“ вечерва беше домаќин на првата голема пресметка меѓу двата лути ривали оваа сезона во домашниот ракмет.
Битолчани покажаа дека во моментов се подобро подготвени и на крајот стигнаа до убедлива победа. Иако Вардар тргна добро, во остатокот од мечот Е. Пелистер беше тимот кој постојано го диктираше темпото.
Најдобар стрелец кај Е. Пелистер беше Хекберт со 7 гола, додека Хориха кај Вардар постигна 9 гола.
Во составот на Вардар не беа Борозан, Еспиња, Лазаревски, Пинто и Стаменковиќ, додека за Е. Пелистер не настапија капитенот Кузмановски и Митревски, како и повредените Ристевски и Кузманоски.
Е. Пелистер утре од 16:30 часот ќе игра со Динамо Панчево, додека Вардар по овој меч се среќава со Тримо Требње.