ЛЕ плеј-оф: Шкендија нема што да загуби, а против Лудогорец може многу да добие!

141
ФОТО: KF Skendija/FB

Откако испадна во 3.квалификациско коло во ЛШ од Карабах, како да спласна европската еуфорија во и околу Шкендија. Сепак треба да се биде реален, наш клуб е далеку, светлосни години далеку од пласман во лигашката фаза во ЛШ. Со буџети од по 3-4 милиони евра, едноставно не се може против Карабах или слични клубови.

Не смее да има било какво незадоволство. Шкендија ова лето испиша историја, се пласира најмалку во Лигата на Конференции, си “лапна“, барем, засега, 5-6 милиони евра и тоа е тоа.

Јасно е дека кога ќе ти се падне еден Лудогорец во плеј – офот во Лигата на Европа, ќе си кажеш – па вреди да се обидеме, но уште појасно е дека бугарскиот шампион е подобар тим од Шкендија и важи за фаворит на хартија.

Тетовци си го направија своето, ќе имаат европска есен, и затоа двомечот со Лудогорец треба да се одигра без непотребен притисок, да се одигра за себе, за клубот, за јавноста во Македонија, за фановите.

Според зборовите на стратегот Јетон Беќири така и ќе биде. Шкендија нема вечерва од 20 часот на Националната Арена “Тодор Проески“ во Скопје, како и на реваншот во Разград следната неделам што да загуби, ама може многу да добие.

Секако дека не е исто да играш групна фаза во ЛЕ или ЛК. Но колку пари толку музика што би се рекло. Од друга страна тетовци немаат намера однапред да се предадат, ќе се обидат да ги повторат изданијата од двомечот со Стеауа и ќе се надеваат дека тоа ќе биде доволно за да се мине еден Лудогорец.

А кога Шкендија игра без притисок тогаш таа е најопасна.

Македонско – бугарската пресметка вечерва ќе ја суди Крис Каванах од Англија, мечот почнува од 20 часот, а реваншот се игра во четврток во Разград од 19.30 часот.

Победникот од овој двомеч во плеј – офот ќе игра есенва во лигашката фаза во Лигата на Европа, поразениот во Лига Конференции.

ПретходноПеро Антиќ ќе биде амбасадор на Интерконтиненталниот куп на ФИБА!
СледноВеќе во ноември Македонија ќе игра европски претквалификации!