Одбојкарската федерација на Македонија како никогаш досега имаше долго и топло лето, со полна работна агенда. Тримесечната макотрпна работа беше крунисана со четвртиот пласман во низа на машката репрезентација на Европското првенство 2026.
Генералниот секретар на ОФМ, Филип Деспотовски, во интервју за Одбојкарската федерација на Македонија, зборуваше успехот на одбојкарите, но и за настапот на одбојкарките во европските натпреварувања.
„Покажавме голема сериозност, ова зборувам и за машката и за женската репрезентација во настапите прво во Златната и Сребрената Европска лига. Ако претходно (ова особено се однесува за мажите) настапите во Европската лига се гледале како ‘подготвителни натпревари’ за некоја повисока цел, сега резултатите го потврдуваат спротивното. Имаме најуспешен настап во ‘златното’ друштво досега и со обезбедено учество за следната година. Дамите, пак, добија втора шанса во Сребрената лига, која максимално ја искористија. Не беа само учесник, туку победуваа и се бореа. Одиграа силни натпревари, квалитетни, нè израдуваа со прв триумф во Европа по пауза од 17 години – нè направија горди. Во евро-квалификациите, во последниот меч со Австрија покажаа дека доколку го задржиме високото ниво на работа на оваа генерација како и во претходните три години, многу брзо ќе можеме да се носиме и надигруваме и со посериозни екипи“, вели Деспотовски.
Генералниот секретар на ОФМ потенцира дека мора да се задржи и континуитетот на сериозна работа со која ќе им се овозможат беспрекорни услови за работа на репрезентациите.
„Нè чека сериозна работа во следните години, кога ќе треба да донесеме и сериозни одлуки и да направиме нов голем чекор со учеството на ЕвроВолеј 2026, на кое сум сигурен дека ќе се појават некои нови лица (мислам на играчи). Се надеваме дека по тој континентален собир, во 2028 година ќе ги изненадиме сите повторно со некоја голема организација. Неизмерно многу значи и поддршката која ја имаме од Министерството за спорт и од партнерите на Федерацијата, која овозможува и на сите репрезентации да им понудиме беспрекорни услови за подготовки и за реализација на комплетниот план и програма на селекторите“, дополни првиот оперативец во ОФМ.