Најголемиот претендент за титулата во Премиерлигата оваа сезона, Арсенал, го „разби“ Лидс Ј победувајќи со 5:0 пред домашната публика со што ја оствари и втората сезонска победа. Момците на Микаел Артета во сите 90 минути беа доминантни на теренот, ја диктираа играта, а резултатот со оглед на шансите можеше да биде и уште поубедлив.
Домашните отворија малку доцна, во 33. минута, кога Тимбер по нафрлувањето од корнер на Деклан Рајс погоди за 1:0. Во првата минута од надополнувањето во првиот дел, Букајо Сака со својот прв сезонски гол зголеми и на 2:0.
Ерупција од воодушевување предизвика третиот гол на домашните, кој беше мало „слалом“ на новиот голегетер на „топчиите“, Виктор Ѓокереш, кој на крајот ја смести топката во противничкиот гол за 3:0. На 4:0 зголеми Тимбер кој и по вторпат успеа да го матира гостинскиот голман.
Во самата завршница, вториот најмлад дебитант во историјата на Премиерлигата, Макс Доуман избори пенал за Арсенал, а Виктор Ѓокереш беше сигурен и со својот втор гол вечерва ги постави конечните 5:0.