Шуку: Нашата цел е да излеземе на теренот и да ги освоиме трите бода

125

Фудбалерите на Шкупи продолжуваат со подготовките и тренинзите, иако многу работи сè уште се нејасни околу функционирањето на тимот од Чаир. Шкупи не го одигра натпреварот со Силекс во рамките на 2. коло од Прва МФЛ, бидејќи не ги обезбеди условите што се бараат за одржување на првенствен натпревар, пред се поврзано со употребата на ВАР системот. Сепак, според Ерјон Шуку, тоа не ги спречило техничкиот персонал и играчите да продолжат со интензивни подготовки за следниот дуел.

„Атмосферата во тимот е многу позитивна, а играчите се мотивирани да го дадат својот максимум на теренот, знаејќи ја важноста на натпреварот. Работевме максимално. Иако натпреварот со Силекс не се одигра по други причини, го искористивме времето за да тренираме повеќе, да го зголемиме интензитетот и да подобриме одредени тактички детали. Во тој поглед, мислам дека добивме дополнително време за подобро да се подготвиме“, изјави Ерјон Шуку.

Тој смета дека Пелистер е фаворит, но дека во фудбалот секогаш има простор за изненадувања. Шуку нагласува дека тој и неговите соиграчи ќе играат за победа на секој натпревар.

„Пелистер е фаворит на хартија, но фудбалот секогаш носи изненадувања. Играме на неутрален терен и веруваме во нашиот потенцијал. Сè ќе се решава на зелениот терен. Секој бод е вреден, но за клуб како Шкупи, со традиција и најстрасни навивачи во земјата, еден бод не може да се смета за успех. Нашата цел е да покажеме дека сме голем клуб и да излеземе на теренот за да ги освоиме трите бода“, додаде Шуку.

Натпреварот Пелистер – Шкупи ќе се одигра денеска (25. август) на стадионот во Кавадарци, со почеток во 17:00 часот.

ПретходноИлиески: Можевме и подобро во првите две кола, но гледаме само напред
СледноПрва лига – жени: Гостинките славеа на сите четири натпревари!