Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, денеска на прес-конференција го објави списокот на повикани фудбалери за претстојните два меча во септември. Првиот е оној пријателски со Саудиска Арабија во Прага (4 септември), а потоа и квалификацискиот со Лихтенштајн во Скопје (7 септември).
За повиканите фудбалери, Милевски вели:
„На овој список не е Агон Елези поради повреда на рамото. Последните информации се дека нема да треба операција. Со нас нема да бидат и Ашковски, Бојан Димовски и Јован Манев, што не значи дека нема да бидат повторно повикани. Првиот дуел е за проверка на она што го имаме како потенцијал, на оние со помала минутажа. Ќе пробаме тактички варијатни. Некои играчи на други позиции, ќе ја испробаме флексибилноста на тимот. Што се однесува до вториот меч, најзначајниот во оваа кампања., максимално се подготвуваме, максимално сме сконцентрирани се надевам дека момците ќе бидат на нивото како и до сега. Проблеми секогаш имаме, но знаеме да се носиме со сите и од секаков тип. Тие што немаат клуб се надевам дека ќе го решат статусот. Познавајки ги сите играчи, сите проблеми кои ги имаат, тоа нема да им влијае врз игрите во репрезентацијата. Така било и до сега. Најважни се трите бода со Лихтенштајн. “, вели Милевски.
Во составот има и две нови имиња.
„Што се однесува до Рамадани мислам дека со своите игри во евро-куповите заслужи повик. Игрите кои ги покажа го наметнаа. На него е да покаже колку треба да биде искористен на ова ниво и тактички и физички и ментално. За Растодер се надевам дека добиваме играч од кого ќе имаме конкуренција за репрезентацијата. Се надевам дека добиваме квалитетен играч, од она што го гледам од неговите игри во Туин. Со Дени Мусовски немам контакт и мислам дека таков тип на играч имаме. Милан Илоски е контактиран пред две години. Прво треба да се стабилизира во еден клуб, па потоа да го покаже потенцијалот који го има. Ќе видиме што ќе донесе во иднина самиот играч“, истакна селекторот.