Шкендија вечерва во Разград ги завршува европски квалификации. Таму некаде пред месец и половина, тетовци почнаа со двомеч со ТНС во 1.коло во ЛШ, потоа славеа и против некогашниот европски шампион Стеауа, со што остварија пласман најмалку во лигашката фаза во Лигата на Конференции. Со тоа тетовци испишаа клупска историја, првпат ќе играат во групната фаза во едно европско натпреварување.
Следуваше елиминација од квалификациите во ЛШ во двомечот со силниот Карабах, за да во првиот меч од плеј – офот во Лигата на Европа, четата на стратегот Јетон Беќири го победи Лудогорец со 2:1.
Па така вечерва некаде после 21:30 часот, ќе дознаеме дали нашиот шампион цела есен ќе игра во Лигата на Европа или Лигата на Конференции.
Сонот секако дека е ЛЕ, но и ако не биде ништо од тоа, Шкендија ќе има долга европска есен во ЛК.
Вечерва од 19.30 часот на “Хувефарм Арената“ во Разград, секако дека Лудогорец, кој стана хегемон во бугарскиот фудбал, ќе биде повторно фаворит. Но, ќе има и неверојатен притисок врз себе. Се друго освен пласман во ЛЕ за пребогатиот клуб од Разград ќе биде рамно на катастрофа. Од друга страна Шкендија, како што веќе нагласивме си го направи своето, си испиша историја, и затоа тетовци ќе играат и за себе и за своето фудбалско уживање, а кога се игра така, тогаш тој тим е најопасен.
Затоа велиме дека и Шкендија вечерва ќе се прашува, и тоа како.
Секако дека не е исто да играш во Лигата на Европа или во Лигата на Конференции, и парите се во прашање.
Јавноста во Македонија посакува уште еден блескав настап на тетовци, уште една победа за подигнување на рејтингот на македонскиот клупски фудбал.
Тетовци ова лето донесе многу радости, така нека биде и вечерва.
Инаку ждрепката во ЛЕ и ЛК ќе биде утре попладне.