Лазаров: Не треба да бараме виновници! Тие беа фаворити, ние се надевавме потајно!

189

Алкалоид е поразен на првиот квалификациски меч за пласман во групната фаза во Европската лига. Хановер славеше со убедливи 37-27 и на дело покажа зошто е фаворит на двомечот со македонскиот тим. Актуелниот освојувач на ЕХФ Европскиот Куп не изостана со квалитет на теренот, ќе беше многу поконкурентен доколку не промашеше пет пенали и бројни зицери, нешто што противникот го казни.

„Сакам да напоменам дека промашивме пет пенали и осум до девет, не велам зицери, туку чисти контри. Тоа се веќе четиринаесет моменти што се безмалку очи во очи со голман. Плус, нивниот голман имаше 19 одбрани и невозможно е да се надеваш на повеќе со ваква статистика. Напротив, мислам дека и „добро“ поминавме.
Ако ја бараме причината за тие промашени не зицери туку контри и пенали, мора добро да размислиме зошто е тоа така. Дали е менталитет, дали е карактер, дали е неквалитетен шутерски тренинг или било што друго. Мора добро да се изанализира и дискутира“, после мечот анализира тренерот Кирил Лазаров. 

Предводникот на младиот македонски тим вели дека не треба да се бара виновници, до пред крајот на првото полувреме Алкалоид имаше активен резултат. Лазаров не крие дека е разочаран и незадоволен.

„Не треба да бараме виновници, таа е разликата, поради тоа. Имавме во 29 минута контра за два разлика, не дадовме гол, па ни дадоа и заврши четири. Плус имаа прв напад во второ полувреме. Штета.
Не се повлековме да се браниме, да играме споро. Игравме брз ракомет. Во таа брзина тие беа подобри. Дали нашите промашувања се должат на ритамот? Тие се навикнати на таа игра со бундес ритамот, ние не сме. Тоа треба добро се анализира.
Тие беа фаворити, ние се надевавме потајно. Сум незадоволен и малку и разочаран затоа што нашата борба е со македонскиот менталитет. Како да се промени начинот на игра. И самите видовте дека тие и во 59 минута влечеа брз центар и имаа бранови на игра.
Ние се обидуваме да го следиме тоа, но денеска и со тие изработени чисти ситуации не успеавме да се носиме со тој ритам“, анализира Лазаров. 

Во следните денови до реваншот во салата „Авоткоманда“, кој е заакажан за 6. септември ќе следат анализи зошто неговите момци не беа добри во реализацијата.

„Можеби таков беше денот, ќе се обидеме да се соземеме, Ситуацијата е таква каква што е, не сакаме да останеме без Европа.
Да кажам дека ќе пробаме да стигнеме, ќе делувам несериозно. Да се соземеме, да анализираме и најбитно да анализираме зошто промашувувавме. Одново не велам зицери, иако имаше и зицери, значи немаше ништо изнудено, зошто се случуваше ова?
Дали притисокот, дали од важноста, дали дека прв пат играме со Германци, дали дека не сме доволно спремни да реализираме во таков ритам во таква атмосфера на гостински терен против таков тим. Тие беа лидери во Бундеслигата девет месеци, но сепак, се надевавме на подобар резултат“, изјави Кирил Лазаров.

ПретходноФК Вардар и официјално ги завери репрезентативците на Уганда
СледноТОП ТРАНСФЕРИ ВО ЖИВО: Исак до 2031 во Ливерпул!