Македонската фудбалска репрезентација денеска ги стартуваше подготовките за претстојниот септемвриски квалификациски прозорец. Во него, во првиот термин немаме закажана квалификациска средба, па затоа спарингуваме со Саудиска Арабија во Прага на 4 септември, а три дена подоцна во Скопје доаѓа вистинскиот предизвик.
Меч против Лихтенштајн и атак на три нови бодови кои што ќе значат зацврстување на и онака одличната позиција која што во моментов ја имаме на табелата. Осум бода од четири меча и прво место.
Дебитантот, играчот на Динамо Киев на позајмица во неговата матична Шкендија, Решат Рамадани со своите одлични игри летово и тоа како го заслужи повикот на селекторот Милевски.
„Среќен сум што сум дел од овој собир, со фактот што добивам повика за А репрезентацијата, од селекторот Благоја Милевски. Секако дека се надевам на позитивни резултати, како на пријателскиот дуел против Саудиска Арабија, така и на квалификацискиот дуел против Лихтенштајн што го играме на домашен терен. Целта секако е пласман на големо натпреварување како Мундијалот, кој што е сон на секој фудбалер. Одиме меч по меч, претпазливо и одговорно“ – изјави Рамадани.