Тренерот на Е. Пелистер, Рубан Гарабаја пред утрешниот Суперкуп натпревар со Вардар потенцираше дека се уште е почеток на сезоната и не може да се очекува екипите во овој меч да влезат комплетно подготвени.
„Никогаш не сте целосно подготвени, бидејќи за време на сезоната постојано напредувате и учите. Мислам дека имавме добра претсезона и најважно е што немавме сериозни повреди. Тоа што се случи се до денес – веќе не е важно. Вистинското натпреварување почнува утре со Суперкупот и ќе видиме поинакви тимови. Ќе видеме поинаков Вардар и сигурно поинаков Еурофарм Пелистер. Се надевам дека нашиот тим ќе биде уште подобар за разлика од подготовките. Мојата идеја е дека секој играч ми треба за секој натпревар, а не за цела сезона. Сакам да го користиме секој ракометар на секој натпревар, бидејќи сакаме да играме силно темпо. Имаме добри играчи на сите позиции и ги имаме по двајца или тројца по позиција. Се надевам дека тоа ќе го искористиме“, вели Гарабаја.
Мечот од Суперкупот на Македонија е на програмата утре во салата „Јасмин“ во Кавадарци.