Селекторот на кошаркарската репрезентација на Грција, Василис Спанулис, беше видно лут откако неговиот тим го претрпе првиот пораз во групната фаза на Евробаскетот, откако селекцијата на Босна и Херцеговина славеше со 80:77.
Тоа беше прв пораз за избраниците на Спанулис, кои така дојдоа во ситуација дури во последното коло, во четврток, да го решаваат прашањето дали ќе ја завршат групната фаза како лидери или не.
Сепак, кога „се олади главата“ на еден од најдобрите плејмејкери во историјата на овој спорт, Спанулис сфати дека можеби има и нешто добро во тоа што неговиот тим изгуби во групната фаза.
„Што се однесува до моето искуство, секојпат кога Грција победувала на сите мечеви во првата фаза – никогаш не стигнувала до успех. Ајде да видиме што ќе се случи сега кога загубивме. Можеби е добра лекција. Не ме загрижува нивната серија, тоа е кошаркарски натпревар, такви работи се случуваат“, изјави Спанулис на прес-конференцијата по мечот, на кој не можеше да смета на првата ѕвезда на тимот – Јанис Адетокумбо.