Пелистер оди по нов трофеј и тоа против најголемиот ривал, Вардар 1961. Овие два тима се сретнаа пред пет дена во битката за пехарот во регионалниот турнир, а како победници излегоа битолчани.
Дуелот се игра денеска (19 часот) во салата „Јасмин“ во Кавадарци, а од таборот на актуелниот првак го најави новото засилување, Рудолф Хекберт.
„Многу сум задоволен тука во Битола, задоволен сум со клубот и градот. Соиграчите многу добро ме пречекаа и подготовките ги минавме одлично. Одигравме корисни пријателски натпревари и спремни сме за тоа што доаѓа. А сега доаѓа најдоброто. Мислам дека сме спремни за Суперкупот на Македонија против Вардар.
Имаме многу натпревари пред нас, но ростерот е долг и квалитетен. Мислам дека сите можеме да придонесеме во успехот на колективот. Дојдов да помогнам во овој одличен тим и едвај чекам да почнат официјалните натпревари. За еден спортист дерби натпреварите се нешто посебно. За такви натпревари работиме, тренираме и се жртвуваме. Уште на пријателските натпревари против Вардар видов дека нема ништо пријателско и мора да се игра сериозно. Едвај чекам да почне натпреварот“, изјави Рудолф Хекберт.