После само пет дена пауза, Вардар 1961 и Пелистер повторно ќе ги вкрстат „копјата“, овој пат во битката за трофејот во Супер-Купот. „Црвено-црните“ се мачат со повреди и тоа пред стартот на новата сезона, еден од нив е Милан Лазаревски.
Последната средба меѓу овие два тима беше во рамките на регионалната лига, исто за пехар, Вардар излезе како губитник, па сега тренерот, Иван Чупиќ очекува многу подобро издание на неговите момци.
„Почнува борбата за Суперкупот. Имавме малку време да се рекуперираме, а во последно време игравме многу и немавме доволно тренинг, плус се мачиме со повреди. Но, што е тука е – знаеме дека мораме и можеме подобро. Сакам играчите да бидат целосно фокусирани на своите задачи, без притисок и алиби. Играчот што носи дрес на Вардар мора да знае дека тоа е привилегија и обврска. Го почитуваме Пелистер како актуелен шампион, но очекувам поагресивен и подисциплиниран Вардар. Ова е сосема различен од пријателските – тоа е борба за трофеј, пред полна сала, и сигурен сум дека ќе видиме вистински ракометен спектакл“, изјави тренер на Вардар 1961, Иван Чупиќ.
Дуелот меѓу двата најголеми ривали се игра во салата „Јасмин“ во Кавадарци со почеток во 19 часот.