Ѓоковиќ: Сите очекуваат финале меѓу Синер и Алкараз, ќе се обидам да им ги расипам плановите!

62
Фото: Ролан Гарос/Твитер

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се пласираше во полуфиналето на Отвореното првенство на САД во Њујорк, откако во четвртфиналето по четири сета го победи Американецот Тејлор Фриц, четвртиот играч во светот, со 6:3, 7:5, 3:6, 6:4.

Седмиот тенисер во светот победи по три часа и 24 минути и по 53-ти пат во кариерата се пласираше во полуфиналето на Гренд слем турнирот.

Во 11-тиот натпревар против Фриц, Ѓоковиќ ја постигна својата 11-та победа и по 14-ти пат се пласираше во полуфиналето на Отвореното првенство на САД, израмнувајќи го рекордот на Американецот Џими Конорс.

Во полуфиналето, Ѓоковиќ ќе игра против Шпанецот Карлос Алкараз, против кого има добиено пет натпревари во осум дуели.

„Сигурно нема да биде полесно од претходно. Морам да се опоравам, одам ден по ден, во наредните денови ќе морам да го подготвам моето тело за битка од пет сета, доколку е потребно. Навистина би сакал да бидам доволно физички подготвен за потенцијално да играм пет сета со Карлос. Знам дека ќе ми треба мојот најдобар тенис, но сакам да играм големи натпревари на најголемата сцена. Сигурен сум дека ќе има многу трчање, нема да има кратки поени“, рече Ѓоковиќ за следниот дуел што го очекува.

Двајцата најдобри тенисери на планетата, Јаник Синер и Карлос Алкараз, стојат на патот кон 25-тата титула на Гренд слем за Србинот.

„Не треба да трошиме зборови за Синер и Алкараз, тие се најдобри во светот и сите очекуваат свои финалиња, а јас ќе се обидам да им ги расипам плановите, па да видиме. Синер мора да победи на уште неколку натпревари за финалето, но сигурно играат најдобар тенис од сите други. Доминираат од почетокот на турнирот, но сигурно не сакам да излегувам со бело знаме, никој не го прави тоа против нив, но особено не јас. Влегов во уште едно полуфинале на Гренд Слем, сум најдоследен на Слем турнирите оваа година и на почетокот на годината реков дека сакам да играм најдобар тенис таму. Имам уште една шанса и се надевам дека ќе бидам подготвен да одам рамо до рамо со Карлос, па ќе видиме“, рече Новак.

ПретходноТен Хаг за само два месеци на клупата на Баер сериозно ќе ги наполни џебовите!
СледноЕнди Мареј го замени рекетот со палка за голф, оди во „лов“ на милиони