Денеска со почеток од 17 часот на стадионот на Викторија Жижков во Прага, нашата најдобра фудбалска селекција ќе одигра пријателски натпревар со соодветната селекција на Саудиска Арабија. Нема дилеми дека ова е убава, силна проверка или увертира, или генералка за тоа што избраниците на селекторот Благоја Милевски ќе го имаат за три дена во Скопје, а тоа е квалификацискиот меч со Лихтенштајн во рамките на групата Ј.
Јасно е дека денеска против С.Арабија селекторот Милевски ќе “комбинира“, ќе ги “бара“ идеалните единаесет за дуелот со Лихтенштајн. Исто така јасно е дека резултатот, со оглед на тоа дека е пријателска, и не е толку важен. Од друга страна секоја победа, секој добар резултат само уште повеќе ја билда одличната атмосфера во и околу селекцијата во последно време, ако се знае дека на последните десет средби, тука ги сметаме и пријателските, Македонија нема пораз.
Исто така Милевски ќе има и сопствени мотиви за победа. Имено пред три години, во ОАЕ, тогаш со комбиниран тим, доживеа пораз од С. Арабија со 0:1.
Ова ќе биде трета можност за Македонија да триумфира против силниот состав од Азија, селекција која редовно учествува на СП.
Македонија во последно време си има своја игра, знае што сака. Имавме одличен старт во квалификациите, само (не)среќата не ни дозволи да имаме барем уште два бода во групата, се сеќавата на мечот со Велс, но и вака е одлично. Македонија е лидер на табелата, а во недела играме со Лихтенштајн.
Јасно е дека мислите се на неделниот дуел во Скопје, но денеска Македонија против Саудиска Арабија треба да покаже и докаже зошто прва во квалификациската група за СП 2026.