Единствениот македонски претставник во Балканскиот клупски куп, БВА купот 2025, Фит Фан Волеј, ги доби противниците во годинешното издание. Фит Фан Волеј ќе се соочи со грчки АЕК, Херцег Нови од Црна Гора, како и организаторот на турнирот Дрита од Косово. БВА купот ќе се игра од 25 до 28 септември во салата „Мајка Тереза“ во Гњилане.
Победникот на овој турнир обезбедува директно учество во ЦЕВ Челинџ купот, а за да дојдат до таа привилегија четирите екипи ќе играат по принципот „секој со секого“. Според распоредот Фит Фан Волеј настапот го започнува на 25 септември од 17:30 часот против АЕК Атина. Во второто коло, ден подоцна од 20 часот игра со домаќинот Дрита. На 27 септември екипите ќе имаат слободен ден, додека третото коло се игра на 28 септември, а Фит Фан Волеј од 17:30 часот ќе ги измери силите со Херцег Нови.
Одбојкарките на Фит Фан Волеј минатата сезона завршија четврти во Првата лига, а играа и во полуфиналето на Купот на ОФМ 2025 што е една од најуспешните сезони во нивната клупска историја. Во новата сезона клубот ќе се обиде да направи чекор напред и да се проба на меѓународната сцена.