Скариоло: Секоја љубовна приказна завршува! Парот се разведува, но остануваат децата!

236
Фото: ФИБА

Вчерашниот пораз од Грција (90:86) во Лимасол ја означи елиминацијата на репрезентацијата на Шпанија од Евробаскет, на кој ја бранеше титулата.

Шпанците овојпат го завршуваат натпреварувањето уште во групната фаза, а воедно останаа и без селекторот Серџо Скариоло кој, по повеќе од една деценија работа со националниот тим, ја напушта клупата на „црвената фурија“.

Скариоло ја предводеше репрезентацијата на Шпанија од 2009 до 2012 година, а потоа од 2015 година до денес. Во тој период со Шпанците освои четири европски злата, едно светско злато, олимписко сребро и бронза, како и една европска бронза.

Имајќи го предвид сето тоа, оваа елиминација од Евробаскет е голем неуспех, но Скариоло на ситуацијата гледа од посветла страна.

„Никој не сонува дека ќе го загуби последниот меч. Би сакал да победам, но не можев да бидам погорд на трудот на моите играчи. Го завршивме мечот со двајца 19-годишници затоа што тоа го заслужија. Играв со нив затоа што се чувствував пријатно играјќи со нив. Ми се допаѓа таа слика на затворање на едни врати, но истовремено отворање на други што ја гледаат светлината.

Секоја љубовна приказна завршува. Тоа е како кога парот се разведува, но продолжува да се гледа и да има деца заедно. Имаме многу деца во овој тим, за кои се грижев многу години и уживав гледајќи ги како растат. Никој не е незаменлив. Кога го презедов тимот, сите ми велеа дека е многу тешко да се надмине она што е постигнато, и сигурен сум дека истото ќе му го кажат и на оној што ќе дојде следен.

Мора да гледаме во иднината со оптимизам. Ќе бидам многу среќен да видам како овие момци ќе растат во наредните години. Совеста ми е мирна, дадов сè од себе. Спортот секогаш ве става на место. Добивме малку награда за трудот кој го вложивме, но ако не победивме, тоа е затоа што правевме грешки во клучните моменти. 

Емоција е да ги гледате овие момци како надоместија 16 поени негатива против вакви противници. Пред нив, со легенди како Слукас, Папаниколау… тие продолжија да се борат, скоро ми е жал за нив. Немав ништо против уште една медала, но освоив многу. Би сакал повторно да победат и да уживаат во прекрасно искуство играјќи за шпанската репрезентација,“ порача Скариоло кој во наредниот период ќе ја води екипата на мадридски Реал.

Тој ќе продолжи да го следи Евробаскет, а во таа смисла ја спомена и синоќешната утакмица меѓу Србија и Турција.

ПретходноРаботнички се засили со Дамир Имери
СледноЃорческа ќе игра во финалето на турнирот во Романија