Лука Дончиќ игра феноменално на Евробаскет. Откако на првите три натпревари постигна 99 поени, капитенот на Словенија со нова сјајна партија донесе важна победа против Израел (106:96), со што на својата репрезентација ѝ го обезбеди третото место во групата и влезе во историјата на словенечката кошарка. Дончиќ постигна 37 поени, имаше 11 скокови и 9 асистенции.
Со тоа стана најдобар стрелец во историјата на репрезентацијата на Словенија во официјални натпревари. Сега има вкупно 1.100 поени, што е пет повеќе од претходниот рекордер Горан Драгиќ, неговиот претходник на капитенската позиција. По мечот, во соблекувалната на Словенија беше организирана прослава на овој рекорд. Словенците ја зедоа топката со која Дончиќ блескаше и му ја подарија на својот капитен како симбол на неговиот подвиг. Кошаркарската федерација на Словенија воедно му го додели и прекарот „Господин 1100“.
Dame in gospodje, danes se je pisala zgodovina. Gospod 1100. 💙#mojtim pic.twitter.com/ZSeRHx3dGj
— Košarkarska zveza SIovenije (@kzs_si) September 4, 2025
Благодарение на рекордерот Дончиќ, Словенија го обезбеди третото место во групата Д. Така во осминафиналето ќе игра против второпласираниот од групата Ц, а тоа е Италија.