Екс-репрезентативецот со сериозен тренерски предизвик: Ѓоко Јосифов стана тренер на австриски прволигаш

425

Еден од најдобрите средни блокери во историјата на македонската репрезентативна одбојка, Ѓоко Јосифов, засилено работи на својата тренерска кариера. По една година мината на клупата на еден клуб во Германија, Јосифов во новата сезона доби вистински предизвик.

Тој оваа недела е назначен за нов тренер на австрискиот одбојкарски прволигаш Рајфајзен Валдвиртел. Станува збор за прволигаш кој минатата сезона стигна до шестото место во регуларниот дел од сезоната, а практично на истата позиција остана и по плеј-офот.

За Јосифов ова ќе биде најголемиот тренерски предизвик досега.

„Навистина сум возбуден и благодарен за довербата која ја добив од тимот. Станува збор за силна, професионална екипа. Имаме седум странци, останатите се домашни играчи, а од она што го видов досега станува збор за комплактен состав. Почнавме и со пријателки средби. Остваривме прва победа, па сега не очекуваат уште неколку силни проверки на турнир во Словачка, па уште еден во Чешка. Јас генерално сум задоволен. Одлично ме прифатија и управата и играчите. Сега е најважно да се сочуваме здрави и да се обидеме да направиме добар успех оваа сезона. Нема притисоци за освојување на титулата, но ние сигурно ќе се обидеме да оствариме максимум“, вели Јосифов.

Нашиот поранешен репрезентативец останува сега да ја покаже својата умешност и од клупата, а за резултатите ќе сведочиме во текот на новата сезона.

ПретходноБрејси Дејвис во дресот на Пелистер
СледноСестринско дуо потпиша за Бадел 1862