Кошаркарската репрезентација на Литванија е третиот патник во четвртфиналето на Евробаскетот, по Турција и Германија. Вечерва во Рига во големото балтичко дерби како дел од осминафиналето, Литванците беа подобри од домаќините, Летонија со 88:79 и ќе се борат за полуфиналето со победникот од утрешниот дуел меѓу Грција и Израел.
Летонците доживеаа целосно фијаско на ова првенство, каде што имаа големи амбиции како домаќини. Можеби тимот на Лука Банки беше преценет пред почетокот на турнирот, но и тоа како сметаа на место меѓу осумте најдобри. Кристапс Порзигинс не можеше сам да го однесе овој тим дури ни до четвртфиналето, особено што комплетно потфрлија и Дејвис Бертанс и Жагарс.
Фантастичниот плејмејкер на Литванија, Арнас Величка запиша 21 поен, 12 асистенции и пет скока, додека Тубелис додаде 18 поени и 12 скока. Кај Летонците, 34 поени и 19 скока постигна Порзигинс.