Историски ден: Алкалоид ќе го подигне пехарот во ЕХФ Европскиот Куп

82

Денеска во салата во Автокоманда ќе се одигра реванш мечот помеѓу Алкалоид и Хановер за место во групната фаза во Европската лига. Македонскиот тим на првата средба беше совладан со 37-27, негатива која е голема, но и која не го обесхрабрува составот на Кирил Лазаров да се покаже во поинакво издание.

Момците на Лазаров ќе имаат мотив плус бидејќи пред почетокот на мечот (19:30 часот), Алкалоид ќе го добие пехарот за освојувањето на ЕХФ Европскиот Куп минатата сезона. Добро е познато дека истиот не му беше доделен на македонскиот тим бидејќи ЕХФ мораше да постапи според пропозициите и да донесе одлука, откако АЕК одби да излезе на терен во СЦ „Борис Трајковски“ на вториот финален меч.

За потсетување Алкалоид испиша историја и стана првиот македонски тим кој го освоил ова натпреварување, вториот тим после Кометал Ѓ.П кој славел европска титула во Скопје.

Но, тука не застануваат фактите. Лазаров стана првиот македонски тренер кој со македонски клуб успеал да дојде до европска круна. На сето ова ќе се додаде дека Кире тоа го стори со млади македонски играчи и само двајца странци кои немаа главна улога во текот на целата сезона во ЕХФ Европскиот Куп.

Лазаров пред реваншот со Хановер истакна дека жали што овој пехар ќе го добијат пред меч на кој бркаат голема негатива.

„Ни следи реваншот во квалификациите за Европската лига со Хановер, за кого не треба да се трошат зборови. Повеќе од осум месеци беше лидер во најдобрата лига на светот, а оваа година е засилен со искусни играчи. Мене ми е жал што загубивме со нереални и неочекувани за мене десет гола разлика. Сабота е убав ден, затоа што ќе го подигнеме европскиот пехар кој го освоивме лани со македонски тим, кој постои три години во Суперлигата и уште една во Првата лига и кој е базиран на македонски играчи. Не е убаво чувството со минус десет од Германија да дигаме пехар, но ќе се прилагодиме и ќе се обидеме да се израдуваме колку што можеме пред мечот, а на мечот достоинствено да го презентираме македонскиот ракомет. Сакам еден комплетен натпревар, им кажав на играчите дека мора сите да го оставиме срцето на терен заради нас, заради проектот, заради навивачите. Бев малку разочаран, имав непроспиени ноќи, но такви работи се случуваат во спортот. Штета што македонската јавност не можеше да го види на дело тоа како ние одигравме во Германија и дека не заслуживме пораз од десет гола. Хановер влегува во бундеслигашкиот ритам, на секое зошто имаат затоа и за нас ова ќе биде големо искуство. Се надевам дека ќе имаме комплетен натпревар, а како тоа ќе биде, ќе видиме по 60 минути. Колку и ние да се надевавме, се работи за еден супер-квалитетен противник“, изјави Лазаров.

ПретходноЏордан Скипер Браун е најновото засилување на Пелистер
СледноДоминација: Африка го доби својот прв учесник на Светското првенство