Македонската фудбалска репрезентација и натаму е без пораз во квалификациите за следниот Мундијал. По пет одиграни мечеви „Рисовите“ имаат единаесет бодови и се на лидерската позиција на табелата во групата.
Го очекуваше ова некој или не, не е толку важно, туку важно е што Македонија како на пример вечерва против Лихтенштајн на Арената не само што триумфираше со 5:0, туку веќе на големо покажува карактер на селекција која знае што сака, и што е уште поважно знае како да дојде до тоа.
Селекторот Благоја Милевски нормално дека е и повеќе од задоволен од она што се случува. Македонија игра, Македонија погодува, Македонија победува.
„Честитки до нашите фудбалери. За се она што го покажаа на денешниот меч. Сериозноста, професионалноста и се останато. Не случајно изгледавме така на терен, пред се затоа што имаме респект спрема секој противник. Македонија одигра и повеќе од добро, Лихтенштајн одигра онолку колку што му дозволи Македонија. Следен наш дуел е оној против Белгија. Подготовката наша за тој меч ќе биде тотално иста како и за овој дуел. Дали е во прашање Лихтенштајн, Белгија или Казахстан нас ни е исто. Секако дека главната цел пред овој квалификациски прозорец беше да останеме на прво место. Таа цел е постигната. Начинот на кои што беа постигнати головите и тоа како ме радува. Како се однесувавме на терен, почитта кон противникот. Се што видовме е резултат на професионалниот однос на нашиот тим на терен“ – рече селекторот Милевски на официјалната прес конференција по мечот.